Повеќе од 50 лица загинаа во Индија во изминатите три дена поради високите жештини, од кои повеќето во саботата, кога се одржа последната фаза од парламентарните избори.
Околу 33 лица загинаа во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш, а околу 20 во државата Одиша, јавува Би-Би-Си.
Шефот на индиската изборна комисија Навдип Ринва рече дека семејствата на членовите на изборната комисија кои загинале во жештините ќе добијат 18.000 долари компензација.
Парламентарните избори во Индија секогаш се одржуваат во април и мај, но годинава температурите беа рекордно високи.
Министерството за здравство потврди дека од 1 март до 30 мај се регистрирани 56 смртни случаи од топлотен удар, а во тој период биле пријавени 24.849 случаи на топлотен удар.
Температурите во Северна, Западна и Централна Индија во последните две недели беа околу 45 степени Целзиусови, а на некои места достигнаа и 50 степени.