Иран се закани: Израел мора да биде казнет и ќе биде казнет за нападот во Дамаск

Сподели со своите пријатели

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вчера ја водеше бајрамската молитва во Техеран, по што одржа говор во кој рече дека Израел направил грешка со нападот врз иранската дипломатска мисија во Сирија, нагласувајќи дека „злобниот режим“ треба да биде и ќе биде казнет за тоа што го направи.

Loading...

– Конзулатите и амбасадите на која било земја се сметаат за почва на таа земја. Кога го напаѓаат нашиот конзулат, тоа значи дека ја нападнале нашата почва – рече Хамнеи за време на говорот, кој беше емитуван на неговиот профил на мрежата Х, поранешна Твитер.

Тој го осуди Израел за неговите напади врз Појасот Газа кои продолжија и, според него, беа дури и засилени за време на светиот муслимански месец Рамазан.

– За време на годинешниот Рамазан, крвавите настани во Газа ги налутија муслиманите ширум светот. Божјата клетва е врз окупаторскиот ционистички режим, кој не само што не престана да убива жени, деца и беспомошни луѓе во овој свет месец, туку и го зголеми бројот на убиства – рече Хамнеи.

Тој се осврна и на однесувањето на западните лидери, критикувајќи ги дека му помагале на Израел во изминатите години.

– Западните влади отсекогаш му помагале и го поддржувале ционистичкиот режим, го поддржувале во меѓународните тела и му пружале секаква помош на овој режим. Тие требаше да ги спречат злосторствата на режимот за време на оваа катастрофа. Но, западните влади не ја исполнија својата должност – рече тој.

Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.