Светот штотуку го доживеа својот најтопол март досега, одбележувајќи го 10-ти последователен месец на рекордна топлина, додека температурите на морската површина исто така достигнаа ново високо ниво, според мерењата на Европската агенција за следење на климата.
Службата за климатски промени Коперник (C3S) на Европската унија денеска објави дека просечната температура во март била 14,14 степени целзиусови, надминувајќи го претходниот рекорд од 2016 година за десетина од степен, пренесува Ал Џезира Балканс.
Тој месец исто така бил за 1,68 степени целзиусови потопол од просечниот март помеѓу 1850 и 1900 година, референтниот период за прединдустриската ера.
Огромни делови од планетата од делови на Африка до Гренланд и Јужна Америка до Антарктикот забележаа надпросечни температури во текот на месецот.
Не само што беше 10-ти последователен месец да го собори сопствениот рекорд на топлина, туку беше и најтоплиот 12-месечен период во историјата, со 1,58 степени целзиусови над просекот од прединдустрискиот период.
Примарната причина за топлината беа емисиите на стакленички гасови поттикнати од човековата активност, според C3S.
„Тоа е долгорочен тренд со исклучителни рекорди за кои сме многу загрижени“, рече заменик директорот на C3S, Саманта Бурџис.
„Кога гледаме вакви рекорди – месец по месец – навистина ни покажува дека нашата клима се менува, брзо се менува“, додаде таа.
Иако температурите не значат дека е надмината границата од 1,5 степени целзиусови, која ја договорија светските лидери во Париз во 2015 година, „реалноста е дека сме исклучително блиску и веќе сме на позајмено време“, додаде Бурџис.
2023 година веќе беше најтоплата година на планетата според светските рекорди од 1850 година.
Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (IPCC) предупреди дека светот најверојатно ќе го надмине прагот од 1,5 целзиусови степени на почетокот на 2030-тите.
Целта се мери со децении, а не со поединечни години.
Потопли мориња, диви временски услови
Океаните, исто така, поставија нов глобален рекорд на температурата на површината во март, иако Ел Нино, климатски феномен што го загрева централниот дел на Тихиот Океан и ги менува глобалните временски обрасци, почна да слабее.
Глобалната температура на површината на морето беше во просек 21,07 степени целзиусови во текот на март, што е највисока месечна вредност досега и малку повисока од онаа забележана во февруари, според C3S.
Океаните покриваат 70 отсто од планетата и помагаат да се одржи климата погодна за живеење со апсорпција на 90 отсто од вишокот топлина генерирана од емисиите на јаглерод диоксид и метан од согорувањето на јаглен, нафта и природен гас.
„Траекторијата нема да се промени сè додека концентрациите на стакленички гасови во атмосферата не престанат да растат“, рече научникот од Центарот за истражување на климата Вудвел, Џенифер Френсис за АП, „што значи дека треба да престанеме да согоруваме фосилни горива, да го запреме уништувањето на шумите и да одгледуваме повеќе храна, одржлив начин што е можно побрзо“.
Потоплите мориња произведуваат повеќе влага во атмосферата, што доведува до сè понепредвидливо време, вклучувајќи силен ветер и силен дожд.
Русија во моментов се бори со некои од најлошите поплави во последните децении, додека делови од Австралија, Бразил и Франција, исто така, доживеаја исклучително влажен март.
Потоплите мориња, исто така, ја зголемуваат заканата од масовно белење на коралите, а поморските научници минатиот месец предупредија дека масовното белење веќе се случува на јужната хемисфера и може да биде најлошото во историјата на планетата.