Лавина затрупа туристи на Камчатка, двајца исчезнати

Сподели со своите пријатели

Лавина затрупа група туристи на полуостровот Камчатка, на истокот на Русија, а две лица се водат како исчезнати, соопшти денеска Генералната управа на руското Министерство за вонредни ситуации.

Loading...

Спасувачките екипи излегле на местото на настанот, а девет лица биле спасени од завеаниот премин, пренесува Интерфакс.

„Центарот за управување со кризи доби информација дека регистрирана туристичка група од 11 лица, кои воделе скијачка тура во областа на превојот Красноармеј, била затрупана од лавина“, се вели во соопштението на Министерството.

Инцидентот се случил додека туристичката група се движела по сртот, а силен налет на ветер ги турнал туристите во преминот, по што врз нив се спуштила лавина, пренесува Интерфакс.

Самостојната потрага по двете исчезнати лица не донесе резултат, а туристите преку сателитска телефонија ги контактирале спасувачите и ги информирале за координатите.

Спасувачите се движеле кон местото на инцидентот со теренски возила, камиони КАМАЗ, камиони со смена и моторни санки.

Со себе ја имаат сета неопходна опрема за потрага по лица зафатени во лавина, информираат од Главната управа на Министерството за вонредни состојби.