„Дефинитивно не сме сите исти“, рече Максим Димитриевски, претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и негов кандидат за претседател на државата на претстојните избори во интервју за ММС – Македонскиот медиа сервис, одговарајќи на прашањето со што тоа ќе биде поразличен од другите на политичкта сцена и додаде:
„Тоа го потврдивме на локално ниво, а тоа ќе го потврдиме на претстојните претседателски и парламентарни избори на централно ниво. Јас сум кандидат кој излегува од една нова политичка партија, која што се уште не е развиена на цела територија на државата, претежно со членови и подржувачи кои доаѓаат од реалниот граѓански сектор и се чувствувам себе си за кандидат на граѓаните. Мојата цел е да бидам претседател на Македонија, кој што во прв план ќе ги има граѓаните, ќе биде столб и гарант на уставноста на државата. Секогаш во прв план ќе ги има граѓанските потреби, а не потребите на политиката. Никогаш нема да потпишам закон кој се носи против волјата на мнозинството на граѓаните и секогаш ќе го искористам правото да биде вратен на повторно разгледување, бидејќи тоа е демократија. Граѓаните заслужуваат нов профил на претседател кој достоинствено ќе ги претставува како на домашен, уште повеќе на меѓународен план и кој ќе се заложи за креирање на професионална дипломатија, која за жал во моментов ја нема. Исто така ќе се борам за кревање на стандардите на нашата армија која е стожер и го гарантира уставниот поредок на Македонија. Многу е битно кој ќе биде
претстедател и дали тој ќе биде само продолжена рака на политичките партии или, пак, ќе застапува ставови со кои ќе се сложува мнозинството на граѓаните, без оглед на која етничка заедница припаѓа. Со мојот начин на менаџирање на локално ниво покажав дека граѓаните не ги делам ниту по етнички, верски или политичка припадност, туку работам за сите. И тоа ќе го применам и при евентуалниот избор за следен претседател на
Македонија“.
Димитриевски за ММС појасни дека сме сведоци оти од страна на досегашните политички елити граѓанинот најповеќе се користи во предизборниот период, а потоа по завршување на изборите се заборава, така се до следните избори.
„Кога ќе кажам „обичен граѓанин“ мислам на оној кој не припаѓа никаде, кој не е определен, кој не е член на политички субјект и кој во моментов е најобесправен, бидејќи и едните и другите низ призмите на своите политички структури изнаоѓаат соодветни решенија како да се адаптираат во овој конфузен систем кој е прилагоден во функција на елитите кои го владеат. А сведоци сме дека во последните три децении тоа се менува меѓу два политички субјекти од македонскиот блок и ДУИ, од моноетничката албанска партија. Сите кои се вклучени во активизмот во тие партии првенствено имаат некоја шанса додека останатите, „обичниот граѓанин“ се оставени сами на себе си. Еве јас заедно со активистите во движењето ЗНАМ се ставам во функција на тие граѓани, но и на сите оние лојални граѓани кои и се немаат замерено на Македонија Да се обидеме заедно на
следните избори да покажеме дека може да биде и поразлично. И верувам дека тоа ќе се случи“.
Во однос на кампањата што ќе се води Димитриевски рече дека ќе се продолжжи со позитивен пристап и додаде:
„Моја обврска, како јавна личност е да бидам максимално отворен со граѓаните и со нив индирекно преку вас новинарите или дирекно да комуницирам. Нема да бидеме вклучени во црните кампањи иако не очекувам фер-плеј кампања, бидејќи самиот закон во делот на финансирање на кандидатите и политичките субјекти не дава еднакви права и можности на сите да се наптреваруваат на фер начин. Сепак, мислам дека граѓаните се свесни на состојбата и условите во кои што живеат и повеќе од потребно е во моментов да се случат одредени промени за да ги охрабрат нив самите на следните избори да бидат уште поодважни и да направат суштинска промена. Време е одредени политички елити да заминат во историјата и да гледаме нови луѓе кои ќе размислуваат прогресивно и ќе дадат нова надеж на граѓаните. Во спротивно ќе останеме оскудни со млади луѓе и ќе немаме со кого да ја придвижиме државата напред“. Зборувајќи за состојбите во земјата, Димитриевски рече дека граѓаните во државата се првенствено несреќни затоа што не живеат во држава која има изградено систем, туку држава во која се постапува селективно. Тој додаде дека обврска на политичарите е да ја изменаџираат да биде
функционална за сопствените граѓани и да наликува на современа модерна држава.
„На сите им е полна устата со убави зборови и ветувања, но на крајот на денот секоја година е се полоша и полоша од претходната. Македонија како држава стагнира, без разлика на одредени позитивни статистички анализи и бројки кои од квази експерти ни се претставуваат во јавноста, особено од власта дека надминуваме одредени бројки на подобро во однос на минатото. Треба да се излезе со реален пресек на состојбите, да се донесат сериозни заклучоци и стратешки да се испланира како Македонија ќе стане самоодржлива држава со рамномерен економски раст и развој кој мора да биде и одржлив. Здравство за секого, образование по националните потреби, бидејќи ние нашите кадри мора да ги едуцираме за тука, а не за странство. Да гарантираме правда на сите, но и казнивост за сите, а не селективна правда или наменска правда како што ја има во моментов“, рече тој.
Димитриевски за ММС вели дека граѓаните го ценат и вреднуваат фактот што Куманово е изградено, како развиен, модерен, убав град во периодот на постоењето на СФРЈ, во минтиот век, како всушност и Македонија. Во однос на споредбите што кумановчани ги прават на релација Димитреивски- Тито, тој рече:
„Ми импонира, ми значи. Јас го почитувам ликот и делото на Тито, но сметам дека имал и свои пропусти во делот на неговото владеење. Но, кој, пак, ги нема. Сепак, ние Македонците мора да се сложиме со историскиот факт дека направивме држава прв пат во тој период, благодарејќи на поддршката на тогашниот систем, поранешната Комунистичка партија на Југославија, која ја призна Комунистичката партија на Македонија. Многу години претходно пред да се создаде асномска Македонија. А тоа е резултат на Крушевскиот манифест и идеали кои поддоцна беа потврдени со АСНОМ и дефинитивно бетонирани со удирање на темелите на независна Македонија на осми септември“.
Одговарајќи на прашањето колку е богат Максим Димитриевски, тој вели:
„Прво се чувствувам богат, бидејки имам среќно семејство и му посакувам на секој човек во државата да го има. Имам сопруга и три деца и секој се разгранува во своја насока во животот. Но, материјалното богатство никогаш не ми значело ништо особено. Има одреден имот кој се пренесува од колено на колено и тоа е традиција во семејството. Дополнително и ние создаваме и твориме цел живот. Мојата целосна имотна состојба е средно ситуиран, која е јавно прикажана, согласно законот и може да се види секаде. Сметам дека не е срамота да се има. Срамота е да се злоупотребува и да не се овозможува на останатите да имаат. За да живееме во едно праведно општество мора да се потрудиме да им обезбедиме еднакви права и можности на сите“.
Запрашан за очекуваниот број на пратеници на претстојните парламентарни избори Димитриевски одговори:
„Не лицитирам со број на пратенички места, но сигурен сум дека ЗНАМ по овие парламентарни избори ќе биде новата политичка сила на нашиот политички простор која дефинитивно ќе ги донесе час поскоро и суштинските промени на македонската политичка сцена“.