Четириесет и едногодишниот И.Ј. од Куманово, вработен како главен инспектор во ОПЧИИ – Куманово (Одделение за човечки ресурси), заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „поттикнување“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „злоупотреба на службена положба и овластување, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Освен против инспекторот, кривична пријава е поднесена и против З.К. (50) од Скопје, референт на студентски прашања во Педагошки факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.
Првопријавениот во текот на 2005 година стапил во контакт со второпријавениот со цел да му обезбеди уверение за завршен факултет по што З.К. незаконски го запишал на факултетот без негово присуство, му оформил досие и без да ги полага диференцијалните испити му изготвил фалсификувано уверение за завршен VII степен образование. По ова, И.Ј. уверението за завршен факултет го заверил кај нотар и го приложил како вистинито во Одделението за заеднички работи при СВР Куманово каде е регистриран како високо образован полициски службеник, а во 2008 година се стекнал со повисоко работно место.
Инаку во текот на изминатата недела уште неколку лица на восиоки позиции во СВР Куманово заработија кривични пријави за фалсификувани дипломи од истиот факултет.