Украина тврди дека уништила или оневозможила третина од руската Црноморска флота, откако нејзината воена разузнавачка служба објави дека синоќа потопила друг руски воен брод во напад со поморски беспилотни летала во близина на брегот на Крим.
Рускиот амфибиски јуришен брод Цезар Куников бил нападнат од беспилотни летала Magura V5, чии експлозии направиле „значителни дупки“ на левата страна на бродот пред да потоне, објави украинската воена разузнавачка агенција на Telegram.
„Украина онеспособи третина од руската црноморска флота за време на инвазија од големи размери“, изјавија вооружените сили на земјата за CNN по последниот напад. Ако ова е вистина, тоа е фасцинантно достигнување бидејќи Украина е земја без морнарица.
Минатата недела Украина објави дека онеспособила околу 33% од руските воени бродови, односно 24 бродови и една подморница.
Ако украинските бројки се точни, амфибискиот јуришен брод Цезар Куников би бил 25-тиот брод.
Синоќешниот напад го изврши специјалната единица на агенцијата Група 13 во соработка со украинските безбедносни и одбранбени сили, се наведува во соопштението за печатот.
На снимката објавена од Украина се гледа како поморски дрон се забрзува кон Цезар Куников, по што следи огромен облак чад што се издига од бродот.
Кремљ одби да коментира
Си-Ен-Ен не можеше независно да ги потврди тврдењата на Украина, а Кремљ одби да го коментира нападот.
„Тоа е поврзано со текот на специјалната воена операција, која е под Министерството за одбрана. Ви предлагам да се повикате на изјавите на нашите воени колеги. Не можам да кажам ништо за тоа“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на брифинг со новинарите.
Синоќешниот напад е последен во серијата украински напади врз руската морнарица во Црното Море.
Украина, имено, се обидува да им нанесе и стратешки и симболични удари на руските сили кои го анектираа Крим во 2014 година.
Како што руската инвазија на Украина се приближува на втората годишнина, линиите на фронтот беа главно статични со месеци.
Но, од минатата година, Украина се сврте кон Црното Море, велејќи дека нејзините напади врз Крим и руските бродови имаат за цел да го изолираат полуостровот и да и отежнат на Русија да спроведе воени операции на украинското копно.