На електронска аукција денеска беа постигнати високи цени за делови од поранешните хотели „Кристал“, „Куманово“ и „Ку-ба“, кои беа сопственост на поранешната фирма АД „Бисерка“.
Продажбата не е официјализирана додека не се состане Собранието на доверители на АД „Бисерка“ и донесе одлука дали ќе ја прифати постигнатата цена на денешното јавно наддавање.
Некогашниот хотел „Кристал“ достигна рекордна понуда по цена од 46,5 милиони денари или над 740 илјади евра. Аукцијата траеше половина час и имаше еден понудувач.
И остатоците од некогашниот хотел „Куманово“ достигнаа висока цена. Имало вкупно шест понуди на аукцијата која траела 40 минути, при што е достигната највисока цена од 20,5 милиони денари или нешто над 330.000 евра.
Остатоците од некогашен хотел „Ку-Ба“ во селото Проевце достигнаа цена од 2,6 милиони денари. Имало две понуди, а аукцијата траела половина час.
Постигнатите понуди на денешната аукција се под проценетата вредност, а засега не е познато кој доставил највисока понуда.
Некогашните репрезентативни објекти по транзицијата станаа сврталишта на бездомници и руинираните објекти кои често беа мета на вандалски однесувања.
Неколку пати беа опожарувани, особено хотелот „Кристал“.
Хотелот „Куманово“ беше дел и од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“, бидејќи е еден од најрепрезентативните објекти во градот
Во поранешните хотели „Кристал“ и во „Ку-ба“, и двете во сопственост на некогашно АД „Бисерка“, претходно беа сместени внатрешно раселените лица од липковскиот регион од конфликтот во 2001 година.
Од Секторот за урбанизам од општина Куманово укажуваат дека овие објекти мора да останат хотели согално генерален урбанистички план.
Никола Ивановски