Метеоролозите од Јапонија предвидуваат дека денеска ќе падне уште снег, еден ден откако речиси 800 возила беа затрупани со часови на автопат во централна Јапонија, пренесе АП.
Шест километри долгиот конвој се формираше откако две приколки се заглавија во снегот во средата, принудувајќи ги војниците да дојдат и да помогнат во ослободувањето на возилата.
Јапонската метеоролошка служба објави дека до петок би можеле да паднат околу 60 сантиметри снег во регионот Тохоу, според агенцијата Кјодо, а обилен снег се очекува и на северниот остров Хокаидо и во некои други области.
Сообраќаен метеж се случи на автопатот Меишин во префектурата Гифу.
Две деца во заглавеното возило имале здравствени проблеми и завршиле во болница, додава јапонската новинска агенција.
Студениот воздух од запад формираше студен фронт кој предизвика обилен снег на северот од централниот регион, јавува Танјуг.