Двајца израелски заложници држени во Појасот Газа од 7 октомври и видени на неодамнешното видео објавено од Хамас починаа, соопшти јужниот израелски кибуц каде што живееле.
Кибуц Бери во одвоени соопштенија во соработка со седиштето на Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица ја објави смртта на Јоси Шараби и Итаи Свирски.
Како што е наведено, братот на Шараби, Ели, исто така бил киднапиран од кибуцот и се уште е во заробеништво.
Телата на двајцата заложници ги држи Хамас, се додава во соопштението, пренесоа денеска агенциите.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави во понеделникот дека Хамас практикува психолошка тортура со објавување видео од заложници.
Во понеделникот, Хамас објави видео на кое Шараби и Свирски зборуваат, по што следеше снимка од, како што изгледа, нивните мртви тела.
Организацијата соопшти дека тие биле убиени во израелски воздушни напади, а портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изразил страв за нивните животи.
Тој рече дека израелските сили удриле во зграда во близина на онаа каде што се држат заложниците, но дека тогаш не знаеле каде се наоѓаат.
Хамас и другите екстремисти киднапираа околу 250 луѓе во нападите врз јужен Израел на првиот ден од војната.
Околу 100 беа ослободени кон крајот на ноември за време на еднонеделното примирје во замена за палестинските затвореници во израелските затвори.
Хамас тврди дека заложниците кои се уште се во заробеништво нема да бидат ослободени додека не дојде до траен прекин на огнот.