Пет лица се уапсени во антитерористичка акција на полицијата на североистокот на Франција, во департманот Мерт-ет-Мосел, јавуваат француските медиуми.
Уапсените се приведени во рамките на истрагата за криминално терористичко здружување, соопшти Националното антитерористичко обвинителство (ПНАТ), потврдувајќи ги информациите на весникот „Лест републикан“.
Акцијата ја извеле припадници на антитерористичката служба на француската полиција (SDAT) и на Генералниот директорат за внатрешна безбедност (DGSI), потврдил за BFMTV извор близок до истрагата.
Според тој извор, извршени се пет координирани апсења во Нанси, Тул и Вандевре-ле-Нанси.
Уапсените се префрлени во париското предградие Левалоа-Пере, во централата на SDAT и DGSI.
Во оваа фаза не се соопштува точната причина за приведувањето на овие пет лица.
Во случаи на тероризам, полицискиот притвор може да трае до 96 часа, но може да се продолжи до 144 часа во случај на непосредна терористичка закана.