Извештајот на американската влада покажа дека хакери поврзани со Русија и Кина таргетирале некои изборни системи за време на среднорочните избори во 2022 година, но не најде докази дека странски влади го компромитирале гласањето.
Американското Министерство за правда и Министерството за домашна безбедност објавија јавен извештај во кој заклучуваат дека ниту една странска влада или агент не ја поткопала безбедноста или интегритетот на изборните системи, јавува Ројтерс, пренесува Хина.
Извештајот покажа дека проруските хакери тврделе дека привремено го ограничиле пристапот до веб-страницата на изборниот кабинет на земјата.
Хакерите, кои САД ги обвинија дека имаат врски со Кина, скенирале и веб-страници на државните влади поврзани со изборите и оние кои не се поврзани со изборите, се вели во извештајот.
Објавување на јавен извештај
„Нема докази дека оваа активност го спречила гласањето, ги изменила гласовите или ја нарушила можноста за пребројување гласови или навремено пренесување на резултатите од изборите; дека сменило било кој технички аспект од процесот на гласање; или на друг начин го загрозиле интегритетот на податоците за регистрација на гласачите или кое било гласачко ливче за време на федералните избори во 2022 година“, се заклучува во извештајот.
Јавниот извештај следи по доверливата оценка за странското мешање во изборите поднесена до претседателот Џозеф Бајден претходно оваа година.
Републиканците освоија тесно мнозинство во Претставничкиот дом на среднорочните избори во 2022 година, додека демократите го бранеа своето тесно мнозинство во Сенатот, пренесува Ал Џезира.