Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор му рекол на американскиот претседател Џо Бајден дека САД имаат историска одговорност да постигнат траен прекин на огнот во Газа што е можно поскоро, соопшти во четвртокот кабинетот на турскиот претседател.
Продлабочувањето и продолжувањето на израелските напади во Газа може да има негативни регионални и глобални последици, му рекол Ердоган на Бајден, објави неговиот кабинет.
„Историска одговорност на САД е да обезбедат траен прекин на огнот во регионот што е можно поскоро“, рече Ердоган.
Ердоган рече дека повлекувањето на американската безусловна поддршка за Израел може да обезбеди брз прекин на огнот и дека барањата за таков потег се се погласни во последните денови во светот и во САД.
Ердоган и Бајден разговарале и за процесот на пристапување на Шведска во НАТО и односите меѓу Турција и САД, вклучувајќи го и прашањето за продажбата на американскиот борбен авион Ф-16 на Турција, соопшти кабинетот на турскиот претседател.