Во 2023 година светската побарувачка за јаглен ќе достигне 8,53 милијарди тони, што е историски рекорд, објави денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
„Од 2024 година, глобалната потрошувачка на јаглен треба да покаже тенденција на намалување“, се вели во прогнозите на ИЕА објавени два дена по завршувањето на 28-от меѓународен климатски состанок на ОН во Дубаи, каде што беше упатен апел да се напуштат фосилните извори како дел од борбата против глобалното затоплување.
ИЕА ја нагласува силната побарувачка за јаглен во Азија.
Годинава потрошувачката во Кина скокна за 220 милиони тони (4,9 отсто) во однос на 2022 година, во Индија за 98 милиони тони (осум отсто), а во Индонезија за 23 милиони тони (11 отсто).
Од друга страна, потрошувачката е помала во Европа, каде е забележан ненадеен пад од 107 милиони тони или 23 отсто, како и во Соединетите Американски Држави каде е забележан пад од 95 милиони тони или 21 отсто.
ИЕА објави дека поради војната во Украина има проблем да ги објави прогнозите за Русија, четвртиот најголем потрошувач на јаглен во светот.