Повеќето Британци го поддржуваат повторното приклучување на единствениот пазар на Европската унија, според истражувањето на YouGov.
Вкупно 57 отсто од Британците сега би го поддржале приклучувањето кон единствениот пазар, и покрај слободното движење на луѓе што доведе до преселување на милиони семејства и работници во Велика Британија, што беше случај кога земјата беше членка на ЕУ.
Меѓу испитаниците кои гласале за напуштање на Унијата и кои би ја поддржале Лабуристичката партија на изборите, 53 отсто поддржуваат повторен пристап до единствениот пазар, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Кога станува збор за оние кои гласаа за Брегзит и имаат намера да гласаат за владејачките конзервативци, само 29 отсто би поддржале враќање на единствениот пазар, додека 54 отсто од нив се против.
Лабуристите ветија подобрување на односите со ЕУ
Лабуристите, кои се на пат да победат на следните избори, ветија дека ќе ги подобрат трговските односи со ЕУ, но лидерот на партијата Кир Стармер рече дека не сака враќање на единствениот пазар.
Истражувањето покажа дека 72 отсто од Британците сакаат Лондон да има поблиски односи со Брисел.
Ограничувањето на имиграцијата беше клучна причина зошто Британците гласаа за напуштање на ЕУ во 2016 година.
Резултатите од истражувањето на YouGov беа објавени една недела откако беа објавени официјалните бројки, кои покажаа дека годишната нето миграција во Велика британија ги собори сите рекорди минатата година.