Американскиот претседател Џо Бајден повтори дека решението со две држави за израелскиот и палестинскиот народ е „попотребно од кога било“, додека Израел и Хамас се подготвуваат за ново ослободување на заложниците и затворениците денеска.
„Додека гледаме кон иднината, мораме да го прекинеме циклусот на насилство на Блискиот Исток“, рече американскиот претседател во вчерашниот говор.
„Мораме да ја обновиме нашата решеност да продолжиме со решение за две држави каде Израелците и Палестинците еден ден би можеле да живеат рамо до рамо во решение за две држави со еднаква мерка на слобода и достоинство“, рече Бајден по првото ослободување на заложниците.
„Две држави за два народи. А тоа е потребно сега повеќе од кога било“, додаде тој.
Палестинската исламистичка организација Хамас ослободи 24 заложници во петокот, на првиот ден од прекинот на огнот, а Израел ослободи 39 палестински жени и деца од своите затвори, објавија Катар и Црвениот крст.
„Хамас изврши терористички напад затоа што се плаши од мир“
Девет часа откако престанаа борбите за прв пат по седум недели, Црвениот крст соопшти дека почнал да пренесува заложници од Газа во Израел во замена за Палестинците кои се чуваат во израелските затвори.
„Хамас го изврши овој терористички напад затоа што најмногу се плаши од Израелците и Палестинците кои живеат еден до друг во мир“, додаде Бајден.
„Да се продолжи по патот на „теророт, насилството и убиствата“ и војната е еднакво на давање на Хамас „што сакаат. Не можеме да го направиме тоа“, рече тој.
Денеска се очекуваат нови ослободувања на заложниците и палестинските затвореници од Хамас, вториот ден од примирјето меѓу исламистичкото движење и Израел, кое на жителите на Газа им нуди кревок одмор по седум недели војна.
Ова четиридневно примирје, кое може да се продолжи, во средата го постигна Катар со поддршка на САД и Египет.
Со него се предвидува ослободување на 50 заложници кои ги држеше Хамас во Појасот Газа и 150 Палестинци држени во израелските затвори.
„Во наредните денови очекуваме десетици заложници да се вратат кај нивните семејства“, рече Бајден.
Околу 240 луѓе беа киднапирани
Катар денеска треба да објави колку заложници и затвореници ќе бидат ослободени во текот на денот.
Израелските власти соопштија дека го добиле пописот, но не го објавија нивниот број или во колку часот ќе се одржи.
„Во Газа се уште има околу 215 заложници. Во многу случаи не знаеме дали се живи или мртви“, изјави портпаролот на израелската армија Дорон Шпилман.
Израелската војска проценува дека Хамас киднапирал околу 240 луѓе во крвавиот напад на израелска територија на 7 октомври.
Според израелските власти, во тој напад загинале 1.200 луѓе, од кои огромно мнозинство биле цивили.
Како одмазда, Израел безмилосно ја бомбардираше палестинската територија и започна копнена офанзива на 27 октомври за да го „елиминира“ Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година.
Во појасот Газа, според владата на Хамас, во израелските напади загинале 14.854 луѓе, меѓу кои 6.150 деца.