Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека продолжуваат со воените операции во Појасот Газа и дека копнените единици се судираат со оперативците на Хамас и дека не ги запираат воздушните напади врз „терористичката инфраструктура“ на палестинската исламска организација.
Судирите продолжија дури и откако Израел и Хамас се договорија за привремено примирје за да се овозможи ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници.
Примирјето се уште не е стапено во сила, јавуваат израелските медиуми.
Армијата соопшти дека биле извршени неколку воздушни напади врз позициите на Хамас од каде било пукано врз израелски војници.
Припадниците на пешадиската бригада влегле во населбата Шеик Зиад во близина на бегалскиот камп Џабалија и го урнале набљудувачкиот пункт на Хамас, се вели во военото соопштение.
Во жестоките судири во вторникот во бегалскиот камп Џабалија загинаа четири лица, меѓу кои тројца лекари, кога борбите се проширија и беше погодена и болница.
Во изјава за ТВ Ал Џезира, директорот на болницата Ал-Авда, Ахмед Махна, го обвини Израел за нападот, што АП не можеше независно да го потврди.
Организацијата Лекари без граници потврди дека се убиени двајца лекари кои работеле за неа и повика на подобра заштита на здравствените установи, вработените и пациентите во опколената енклава.
Во една куќа во областа Беит Ханун е пронајдено складиште со оружје, а членовите на Падобранската бригада се судриле со оперативците на Хамас на северот на Појасот Газа и убиле неколку од нив.
Израелската морнарица изврши напади и врз позициите на Хамас долж брегот, вклучително и станбена зграда од каде снајперисти на Хамас отворија оган врз копнените сили.
Израелската армија објави дека борците на Хамас се преселиле во Џабалија, каде што живеат бегалците од војната во 1948 година и нивните потомци.
Израел со недели ја бомбардира областа.