Меѓу стоте најголеми компании по приход минатата година има фирми што преклани биле далеку од тоа друштво.
Интересен податок е дека речиси сите кои направиле најголем скок во прометот се енергетски компании.
Во 2022 година имаше огромен раст на цената на енергенти и тоа ги напумпа нивните приходи, анализира порталот Пари.
На листата 100 најголеми компании по приход што ги објави порталот Пари, има 17 што преклани не биле на таа листа. Во десетте што направиле најголем скок за да влезат на оваа листа, само две не се од секторот енергетика.
10 компании со најнизок ранг во 2021 година кои влегле во ТОП 100 во 2022 година
Раст на приходите во енергетските компании од 1.143 % до 2.374 %
Најдалеку од друштвото 100 најголеми во 2021 година било друштвото за производство, трговија и услуги АКСПО МК ДООЕЛ од Скопје. Тоа може да се најде на списокот на МЕМО, во Регистарот на учесниците на пазарот на електрична енергија. Во 2021 година АКСПО МК било дури на 960. место, но за една година приходот му скокнал за 1.143 %, со што лани е на 91. место и имал приход од 44,4 милиони евра.
Друштвото за трговија и снабдување на електрична енергија РЕЊУВАБАЛ ЕНЕРЏИ СУПЛАЈ РЕС ДОО Скопје во 2021 година било на 840. место, а со скок на приход од 1.242 % лани си обезбедило 71. место на листата 100 најголеми. Неговиот лански приход е 55 милиони евра.
Друштвото за производство, трговија и услуги РКМ ДОО Скопје, кое најмногу е ориентирано кон бизнисот со мазут, во 2021 година било на 433. место, но со раст на приход од 1.216 % лани се рангирало на 36. место. Ланскиот приход на ова друштво бил 110,8 милиони евра, а во 2021 година изнесувал 8,4 милиони евра.
Друштво за трговија МАКПЕТРОЛ ПРОМ – ГАС ДООЕЛ Скопје е основано од Макпетрол АД со цел снабдување со гас. Тоа со раст на приход од 487 % скокнало од 437. место во 2021 година на 80. место во 2022 година. Ланскиот приход на друштвото бил 48,7 милиони евра, а во 2021 година бил 8,3 милиони евра.
Друштвото за трговија и услуги ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје во 2021 година било рангирано на 415. место и со промет од 8,7 милиони евра, а во 2022 година достигнало до 10. место со промет од 215,7 милиони евра.
Компанијата АТС ГРУП ДООЕЛ Скопје, која се занимава со производство на заштитна опрема лани била на 87. позиција, но преклани била на 361. место по промет. Фирмата имала скок на промет од 355 %, од 10,2 милиони евра на 46,4 милиони евра.
Друштво за производство, трговија и услуги ЕНЕРЏИ АКТИВЕ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје во 2021 година било рангирано како 238. по приход, а во 2021 година како 95. со промет од 43,6 милиони евра, што е раст од 178 %.
Следно на листа на оние со најголем скок за да влезат во првите 100 по приход е Друштво за трговија и услуги ДУФЕРЦО МК ДОО Скопје, кое има лиценца за трговија со електрична енергија. Тоа преклани било на 222. позиција, а лани на 35. со остварен приход од 112 милиони евра, што е за 584 % поголем од оној во 2021 година.
Друштво за трговија со електрична енергија ДИСАМ НМ ДООЕЛ Скопје во 2021 година се наоѓа на 18. позиција по приход, со реализирани 172,3 милиони евра, што е скок од 629 % во однос на 2021 година, кога со приход од 23,6 милиони евра било на 159. позиција.
Друштво за производство и трговија ДУРА АУТОМОТИВЕ СТРЕКЧЕРС ДООЕЛ Илинден е компанија од автомобилскиот сектор која годинава стана дел од Линмар корпорејшн од Канада. Минатата година имала приход од 96 милиони евра, што ја позиционирало како 56. најголема компанија по приход, а претходната година со приход од 25,3 милиони евра била на 144. место.
ДОЗНАЈТЕ – КОИ СЕ СТОТЕ НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ПРИХОД
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-ekskluzivno-koi-kompanii-lani-stanaa-del-od-top-100-po-prihod/