Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) денеска соопшти дека Газа во последните денови стана „пеколна дупка“ и дека времето за цивилите во областа истекува.
Портпаролката на УНРВА Џулиет Тума повика на прекин на опсадата на Газа бидејќи на цивилите им е потребна итна хуманитарна помош.
„Времето истекува. Поминаа речиси две недели. Веќе две многу долги недели, УНРВА не можеше да добие помош во Газа“, рече таа за Би-Би-Си.
Таа додаде дека часовникот отчукува и дека не знае кога ќе биде отворен граничниот премин Рафа, преку кој треба да пристигне хуманитарна помош од Египет.
На прашањето што ќе се направи за да се спречи хуманитарната помош да стигне до Хамас, Тума рече дека УНРВА има „строги системи за контрола и мониторинг“.
„Тоа го правиме со децении“, изјави портпаролката на Агенцијата на Обединетите нации.