Бројот на загинати во поплавите предизвикани од пукање на браната на глечерното езеро во регионот на Хималаите се искачи на 47, а уште 150 лица се водат како исчезнати.
По излевањето на езерото, поројната вода однела многу куќи и мостови, а илјадници луѓе биле принудени да се евакуираат, пренесува Ројтерс.
Браната на езерото пукна во ноќта меѓу средата и четвртокот. Речиси 4.000 луѓе се раселени и престојуваат во 26 привремени кампови, изјави денеска локален претставник.
Ова е последната во серијата поплави што ја погодија Индија оваа година за време на сезоната на невообичаено обилни монсунски врнежи.
Во август речиси 50 луѓе загинаа во поплавите и лизгањето на земјиштето во државата Химачал Прадеш, а еден месец претходно повеќе од 100 жртви загинаа за две недели за време на поплавите во северна Индија.