Точно на пладне утре ќе започне продажбата на билети за годинешното издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ кој се одржува во Куманово.
Билетарницата на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утре во 12 часот ќе ги пушти во продажба билетите за 11 претстави кои годинава ќе се најдат на репертоарот на фестивалот.
Секој ќе може да купи по максимум два билети за една претстава, а нивната цена и годинава останува 200 денари.
Освен театрите од Македонија, на 26то издание на фестивалот ќе играат и театри од Хрватска, Србија и Бугарија.
Честа да го отвори фестивалот годинава ќе ја има Театар Велес со претставата „Синиот портокал“ на 27ми септември.
Потоа ќе следуваат театрите од Штип, Пирот (Србија), Винковци (Хрватска), Театар Комедија, Театар Лесковац, тетовскиот, Ловеч од Бугарија, Драмски театар Скопје, а како и секоја година традиционално последната претстава ќе биде на домаќинот Театар Куманово.
Новитет годинава е што ќе има дополнителна претстава со која ќе се затвори фестивалот на 15ти октомври.
Станува збор за претставата „Обвинителка“ пред чие играње ќе бидат доделени наградите за најдобрата претстава, актери и сценографија од оваа издание.
Никола Ивановски