Најмалку 10 лица загинаа, а четворица се тешко повредени во две торнада што за неколку часа погодија делови од источна Кина.
Првото торнадо погоди делови од градот Сучијанг во провинцијата Џиангсу во вторникот попладне, објави државната телевизија CTV. Уништени се 137 домови и земјоделско земјиште и свињарски фарми.
Пет лица загинаа, а четворица се повредени, пренесува АП.
Во второто торнадо во текот на вечерта пет лица загинаа во градот Јанченг, кој се наоѓа во истата провинција, на околу 190 километри југоисточно од Суќијан, пренесува Танјуг.
Државната телевизија објави дека е нормализирано снабдувањето со електрична енергија и сообраќајот во областа Сучијан.
Торнадата се релативно ретки во Кина, а најмалку 10 луѓе загинаа, а стотици други беа повредени кога две торнада ја погодија централна и источна Кина во 2021 година.