Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) процени дека во Либија, поради тековната политичка нестабилност, конфликти и влошената економија, помошта е неопходна за околу 823.000 луѓе, меѓу кои 240.000 деца, а особено ќе биде изразена во следните три месеци.
Проценката доаѓа во време кога две брани во планините над пристаништето Дерна пукнаа во поплавите по бурата Даниел и буквално однесоа делови од градот со околу 125.000 жители.
Локалните власти процениле дека бројот на загинати надминал 5.000, пренесоа агенциите.
Градоначалникот на Дерна стравува дека само во тој град загинале до 20.000 луѓе, бидејќи илјадници се водат за исчезнати по силниот бран поплава што ја опустоши Дерна.
Во исто време, Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на Обединетите нации проценува дека им е потребна помош и на илјадници внатрешно раселени лица, повратници, поединци погодени од конфликти, локални семејни заедници, бегалци и мигранти.
Клучните хуманитарни потреби вклучуваат заштита и пристап до критични услуги како што се здравствена заштита и образование, чиста вода, канализација и основни потреби за домаќинството, беше објавено на веб-страницата на OCHA.
Кризата го погоди населението особено во јужните региони Мурзук, Себха и Ал Куфра, каде бегалците, мигрантите и ранливите групи се соочуваат со дополнителни предизвици за заштита, вклучувајќи кршење на човековите права, дискриминација и ограничен пристап до здравствена заштита.