Германската средна класа се намалила во изминатите 12 години, а дел од неа се преселила и во повисоките и во пониските класи, се вели во студијата објавена денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Процентот на населението што припаѓа на германската средна класа беше 65 отсто во 2007 година, а во 2019 година падна на 63 отсто.
„Овој пад е очигледно релативно умерен, но е значаен во споредба со другите европски земји. Во 2007 година, германската средна класа сè уште беше 9-та по големина во Европа, но до 2019 година падна на 14-то место“, рече истражувачот на IFO, Флоријан Дорн.
Средната класа во Германија е оптоварена со многу даноци и придонеси, па дополнителната работа и повисоките перформанси не се исплатат премногу.
„Луѓето со средни примања тешко го поднесуваат економскиот товар“, вели директорот на Центарот за макроекономија и истражување IFO, Андреас Пајл.
Повеќе од 80 отсто од Германците се класифицираат како средна класа, но статистички гледано, таа категорија припаѓа на 63 отсто од населението, што е околу 26,1 милиони домаќинства во Германија, пренесува Танјуг.
За нивните пресметки, авторите користат критериуми на ОЕЦД, кои ја дефинираат средната класа како оние чија заработка е помеѓу 75 и 200 проценти од просечниот приход.
За самци, ова одговара на нето расположлив приход помеѓу 17.475 и 46.600 евра во 2019 година, а за парови без деца опсегот е помеѓу 26.212 и 69.900 евра годишно.
Паровите со две деца статистички спаѓаат во средната класа доколку имаат приходи меѓу 36.698 и 97.860 евра.