Криминалитетот во Општина Куманово во 2015-та година намален за 15,3% (фото)

Сподели со своите пријатели

За 15,3% е намалена стапката на криминалитет во Општина Куманово во текот на изминатата година, беше соопштено денеска од страна на началникот Игор Митевски, на 49-та седница на Советот на Општина Куманово.

Во текот на 2015-та година биле извршени вкупно 1.477 кривични дела, со реализирани 963 кривични постапки против извршителите, а истите предизвикале штета во износ од 123,5 милиони денари.

Од вкупниот број криминални дејствија, класичните криминални деликти за 2015 година изнесуваат 1.268, 117 за сторен економски криминал што претставува намалување за 34,4%, 59 за недозволена трговија која бележи пораст од 46,1%, како и едно криминално дејствие против државата.

За споменатото кривично дело против државата, реагираше и претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој истакна дека нема наведено никакви податоци за оваа дело кое се однесува за настаните од 9-ти и 10-ти мај минатата година.

Не можат да го премолчам фактот дека во 2015 година општината ги доживеа најголемите безбедносни нарушувања. Факт е дека тоа се случи во Куманово, кога два дена се пукаше на сите страни и на крај никој од високите полициски кругови немаше одговор. Вклучените полициски службеници во акцијата беа и наградени за пет до десет илјади евра од Буџетот на Република Македонија. Ништо конкретно не гледам за акцијата во овој извештај. Некој дозволи во Куманово да се инфилтрира цела чета наоружани луѓе – рече Димитриевски.

Што се однесува пак до кривичните прекшоци има намалување од 1,6% споредбено со 2014-та година, кога биле поднесени 186 кривични прекршоци за физички напади, 66 за тепачки, додека останатиот дел за вербални напади.

Во 2015 година во алкохолизирана состојба биле регистрирани 310 возачи во над 2.000 спроведени контроли од страна на полициските службеници на СВР Куманово.

Од друга страна во 2015-та година 663 возила биле непрописно паркирани и подигнати од „пајак службата“ на Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ што е намалување во однос на 2014-та година кога таа бројка изнесувала 884 подигнати возила. Намалувањето според началникот на СВР Куманово, Игор Митевски се должи на нефункционирањето на пајак возилото во одреден период задаи недостаток на патни налози кои доцнеле со доставување од страна на ресорното министерство.