Десетици илјади луѓе се принудени да ги евакуираат своите домови во Пекинг поради рекордните врнежи што ги донесе тајфунот Доксури, а властите денеска наредија прекин на воздушниот сообраќај, јави кинеската државна телевизија CTV.
Тајфунот Доксури е една од најсилните бури што ја погоди Кина во последните години.
Како што јави Ројтерс, овој фронт на бура предизвика големи поплави на југот на провинцијата Фуџијан минатиот викенд, поради што илјадници луѓе беа евакуирани.
Силниот дожд што го следи движењето на тајфунот кон северот на Кина продолжи да го натопува главниот град Пекинг, но и градовите Хебеи, Тијанџин и Шанкси, објави кинеската метеоролошка управа и потврди дека црвениот метео аларм, највисоко ниво на алармот, сè уште е во сила.
Повеќе од 31.000 луѓе се евакуирани од своите домови, а работата е речиси целосно запрена на повеќе од 4.000 градилишта.
Проверени се 20.000 згради за оштетувања, а популарните туристички места се затворени, јавуваат кинеските медиуми.
Од утрово двата аеродрома во кинеската престолнина откажаа повеќе од 180 летови, а неколку стотици се одложени, соопштено е на апликацијата за следење летови Flight Master, пренесува Танјуг.