Претседателката на Совет на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска, денеска одржа прес-конференција во врска со работењето на ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.
Во своето излагање, Ѓорѓиевска упати прашања согласно тврдењата на директорката на оваа детска установа и доставените табеларни прегледи од кои се гледа дека од 40% до 70% од запишаните деца отсуствуваат од престој од градина, дали истата директорка овозможува држење/осигурување на места во градинката по свое лично убедување или по партиски клуч додека децата на обичниот граѓанин се на листа за чекање.
„Во 20 годишниот мандат на директорката, не е надминат овој проблем, кој има решение. Во потпишаниот договор со родителите стои дека после 3 неплатени сметки, еднострано се раскинува договорот, по што родителите се влечат по судови, се докажуваат и плаќаат уште поголема сума која влегува во буџет на градинката. Овој договор покажува дека само парите се важни за раководството, а не и опфатеност на поголем број на деца. На седницата имаше предлози од советниците, кои сигурно не ги земала директорката како добронамерни, а треба да се размислат и Управниот одбор да донесе одлука доколку децата неоправдано отсуствуваат повеќе од 1 месец и не ги користат услугите, а на родителите не им е проблем да плаќаат, нивните места да бидат службено отстапени на деца на кои услугата им е реално потребна и се на листа на чекање? На тој начин капацитетите ќе се исполнат, поголем број реални ученици ќе бидат згрижени, ќе го следат воспитно-образовниот процес и ќе се оствари улогата на оваа институција која треба да биде достапна за сите, не само за лични и партиски врски“, потенцираше Ѓорѓиевска.
Таа информираше дека несоработката со локалните институции и со советниците доведува проблемите таложени со години во детската градинка да не се решаваат систематски, туку да се користат во дневна политика на грбот на децата и родителите.
„Бидејќи никој нема увид во финансиско работење на Градинката прашање е на кој начин се користат средствата кои што се плаќаат од страна на родителите на децата, а коишто во голем број отсуствуваат од детската градинка и не се реален трошок? Дали се точни тврдењата на родителите дека им се бараат дополнителни средства и за хигиена? Дали во детската градинка се почитува колективниот договор и дали додатоците за вработените се исплаќаат согласно истиот? Зошто за спроведување на јавните набавки е ангажирано надворешно пензионирано лице по основ на договор на дело, а кое е долгогодишен соработник на Директорката и дали истото лице е незаменливо со постоечкиот кадар во детската градинка? Што преземала Директорката 20 години за проширување на капацитетите за сместување на децата? Два пати е избрана од страна на ресорниот министер за директор на институцијата. Директорке време е да се ставите во функција на родителите и децата, а не во функција на партијата, а ние како советници сме на располагање за соработка“, истакна Ѓорѓиевска.