Во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија, на 18 јули 2023 со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури со наслов „Внатрешен сјај“ на Александра Богоеска.
Делата од изложбата се изработени од камен, а поконкретно од мермер и травертин. Авторката преку содржината на своите дела сака да ја прикаже индивидуалноста, постоењето, можностите… Со прикажувањето на своите скулптури, таа преку симболите се обидува да го поттикнува разумот да ги одгатнува скриените суштествени пораки.Травертинот како материјал со неправилна текстура ја прикажува природна убавина, ранливост, нежната емоционална внатрешност. Додека белата боја на мермерот симболично ја прикажува чистината, а нежните вертикални линии ја потенцираат женската силуета…
Александра Богоеска е родена на 14.05.1985 година во Прилеп. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на отсекот вајарство – конзервација и реставрација има реализирано самостојни изложби и групни изложби. Учествува на многубројни вајарски и сликарски колонии во Македонија и надвор од неа.
***
ВНАТРЕШЕН СЈАЈ (Luminouse sence) – ИНДИВИДУАЛНА СИЛНА СОДРЖИНА
Потребата од индивидуалноста и внатрешната исполнетост со позитивни и длабоки содржини, е се повеќе присутна околу нас. Системот на сериско производство, па дури и со живите човечки битија зазема големи размери и ги убива квалитетот и слободата на мисла и говор. Способноста на уметниците да создаваат уникатност е скриена во нивната можност да ги нотираат потребите и недостатоците во самите почетоци. Токму индивидуалниот пристап, користен од уметниците при создавање на уникатен приказ, ги задоволува нашите потреби за високи форми на комуникација и социјализација.
Во творештвото Александра силно ја истакнува внатрешната поврзаност со природата како и чувството на силна емоција. Иако во нејзината уметност станува збор претежно за пластика во мали димензии, Александра доста умешно преку истите успева да ја презентира својата идеја за скулптура. Секое нејзино дело во својот концепт содржи јасна поврзаност и нераскинливост помеѓу машката и женската животна енергија. Александра скулптурата ја користи како неограничен простор за изразување на нејзината уникатност и индивидуалност. Слободно можам да кажам дека е уметник кој сака да експериментира преку своите дела и доста вешто го доловува опишаното погоре токму преку приказот на личните чувства во различни тематски содржини.
Истражувањата во скулптурата, Александра ги насочува во областа на апстрактно-човечка скулптурна форма, преку спојот како на формите така и на материјалите. Ја негува пластичната слободна форма, создавајќи чисти пластични структури со извесни асоцијативни белези. Вертикалната поставеност на скулптурите заедно со истакнатото природно рустикално изразување преку потенцирање на природната структурална форма на каменот од една страна, како и постигнатото совршенство со измазнување на камената површина од друга страна се важен елемент во целосниот визуелен ефект.
Динамиката на формите е постигната со конструктивна постапка на поврзување во обликувањето на делото. Во дел од скулптурите, внатрешниот спој од железна арматура со кои се поврзани примарните форми, во скулптуралната маса контрапунктира во постигнувањето на надворешните светлосни сензации, а дополнително и дава на целината и визуелна привлечност.
Карактеристичен момент во творештвото на Александра е спојот на две природни креации – човечкото битие и каменот, презентирани преку уникатен уметнички израз како една целина со нераскинлива енергија.
Мермерот и травертинот се материјалите кои најчесто го користи во своите дела, даваат широка можност за обликување во различна форма, структура и големина, но способноста на Александра преку своите скулптури да внесе и живот и душа во самиот камен е бесценета. Материјал кој е исклучително тежок за обработка, а доста вешто обликуван и видлив преку циклусите во кои Александра го презентира својот творечки дух и капацитет. Ја читам и доживувам преку нејзините скулптури кои ги следат светските уметнички движења на 21 век.
Моќта кај Александра ја гледаме преку специфичниот избор на делување. Моќно звучи и самата помисла СКУЛПТОР – ЖЕНА. Верувам и сигурна сум дека изборот има тесна поврзаност со корените на Александра. Прилеп и мермерот се едно цело и можноста секојдневно да ги анализира и доживува природните мермерни форми околу себе кај неа ја развива креативноста и потребата за уметнички израз токму преку каменот како материјал за обработка.
Потекнува од Прилеп, град кој е расадник за култура и уметност и се вбројува во списокот на успешни млади прилепски уметници кои несебично со својата желба, упорност, посветеност, креативност и најважно од се одржуван и надградуван талент го создаваат и негуваат печатот кој останува после нас.
Жената и уметноста -двете исклучително комплексни и посебни теми, вечна инспирација на големите умови. Кога ќе се осудиш овие две теми да ги споиш во една крајниот производ има голема моќ и плени со својата уникатност.
Јана Јанеска Ристески, историчар на уметност