Американскиот претседател Џозеф Бајден почна да користи уред кој го регулира неговиот „континуиран позитивен притисок во дишните патишта“, односно CPAP, со цел да го реши долгогодишниот проблем со апнеја при спиење, објави Белата куќа.
– Од 2008 година, претседателот откри историја на апнеја при спиење во детални медицински извештаи. Синоќа користеше CPAP машина, што е вообичаено за луѓето со оваа дијагноза – изјави портпаролот на Белата куќа Ендрју Бејтс.
Друг, неименуван функционер на Белата куќа, рече дека Бајден почнал да користи CPAP машина во последните недели за да го подобри квалитетот на неговиот сон, пренесува Ројтерс.
Агенцијата додава дека новинарите денеска забележале траги на лицето на Бајден кои укажуваат дека тој носел „некаква маска со ремени“.
Апнеја при спиење е вообичаено нарушување на спиењето кое се карактеризира со прекини во дишењето кои траат десет секунди за време на спиењето, што може да предизвика ‘рчење и дневен замор и може да доведе до висок крвен притисок или проблеми со срцето.
Во најчестата форма на апнеја при спиење, мускулите на грлото се опуштаат, блокирајќи го протокот на воздух во белите дробови.
Бајден (80) е најстариот човек кој ја извршува функцијата претседател на САД, а неговата возраст и здравје се меѓу темите што ги загрижуваат гласачите откако објави дека влегува во трката за втор четиригодишен мандат на изборите во 2024 година, според до Ројтерс.
Во февруари оваа година, Бајден беше подложен на систематски преглед, по што беше прогласен за „здрав и способен да ги извршува своите должности“.
Во извештајот на лекарот за физичкиот преглед на Бајден не се споменува апнеја при спиење, туку се вели дека Бајден имал проблем со „застојот на синусите во поголемиот дел од својот живот“ и дека „симптомите се подобриле по неколку операции на синусите и носот“.