Тајван забележал два руски воени брода кај својот источен брег и испратил авиони и бродови да ги придружуваат, соопшти Министерството за одбрана во Тајпеј.
Во соопштението во вторникот, Министерството рече дека две руски фрегати пловеле северно од источниот брег на Тајван, а потоа „ја напуштиле нашата зона на одговор“ во југоисточен правец од пристанишниот град Суао, дом на голема тајванска поморска база, пренесува Ројтерс.
Војската на Тајван испратила авиони и бродови за да ги извидува и придружува, и ги активирала крајбрежните ракетни системи, се вели во соопштението, во кое не се дадени дополнителни детали.
Новинската агенција Интерфакс во вторникот јави, цитирајќи ја прес-службата на руската Пацифичка флота, дека одред од бродови на руската Пацифичка флота навлегол во јужните делови на Филипинското Море.
Како што е наведено, формација на бродови на руската Пацифичка флота влегла во Филипинското Море од Јужното Кинеско Море, како дел од воена вежба.
Се вели дека екипажот ќе изврши маневри за „покажување на поморско присуство“ во азиско-пацифичкиот регион и „како дел од зајакнувањето на партнерството“.