Соединетите Американски Држави (САД) објавија дека ќе ја прекинат поддршката за научни и технолошки истражувања на израелските институции на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Голанската висорамнина, враќајќи се на долгогодишната политика што беше променета во времето на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во новите насоки за американските владини агенции е наведено дека ваквата соработка со Израел во географските области кои по 1967 година дојдоа под управа на Израел не е во согласност со американската надворешна политика, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Тој нагласи дека САД високо ја ценат научната и технолошката соработка со Израел и дека ограничувањето на финансирањето на Западниот Брег е одраз на децениската позиција на САД, пренесоа израелските медиуми.
Одлуката првенствено ќе се однесува на Универзитетот Ариел, голема академска институција основана во 1982 година во тогаш новата еврејска населба на окупираниот Западен Брег.
Израелскиот јавен сервис Кан објави во неделата пред објавувањето дека САД го информирале Израел за својата одлука.
Министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен, изрази протест бидејќи, како што рече, смета дека одлуката е погрешна.
Политиката на САД кон институциите на окупираните територии беше накратко променета за време на мандатот на Трамп.
Членовите на ривалската Републиканска партија ја критикуваа одлуката на американската администрација.
Таканаречената Зелена линија на разграничување меѓу Израел и неговите соседи беше воспоставена врз основа на Договорот за примирје од 1949 година.
Во војната во 1967 година, Израел ги освои Голанската висорамнина од Сирија, Источен Ерусалим и Западниот Брег од Јордан и Појасот Газа од Египет.
Подоцна беа анектирани Голан и Источен Ерусалим, што не беше признаено од меѓународната заедница, а Израел се повлече од Појасот Газа.
Администрацијата на Трамп ја призна анексијата на Голан, ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и презеде акција за нормализирање на статусот на еврејските населби на Западниот Брег, вклучително и дозволување на производите од територијата да бидат означени како произведени во Израел.
Еврејската држава претходно потпиша договори за соработка кои ги исклучуваат ентитетите надвор од Зелената линија.
Европската унија со години зазема сличен став и не финансира проекти надвор од границите на Израел.