САД водат разговори со Иран за да утврдат чекори кои би можеле да ја ограничат иранската нуклеарна програма, да ослободат некои американски граѓани затворени во Иран и да одмрзнат некои ирански средства во странство, потврдија за Ројтерс ирански и западни претставници.
Овие чекори би биле претставени како „разбирање“ наместо договор за кој ќе биде потребно одобрение од американскиот Конгрес, каде што многумина се против давање отстапки на Иран поради воената помош на земјата за Русија, домашната репресија и поддршката за нападите врз американските интереси во регионот.
Според Ројтерс, откако не успеа да го оживее иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, Вашингтон се надева дека ќе врати некои ограничувања за Иран за да го спречи потенцијалниот развој на нуклеарно оружје што може да му се закани на Израел и да предизвика регионална трка во вооружување.
Техеран вели дека нема амбиции да развие нуклеарно оружје.
Договорот од 2015 година, кој тогашниот претседател Доналд Трамп го напушти во 2018 година, го ограничи збогатувањето ураниум во Техеран на чистота од 3,67 отсто, а залихите на материјалот на 202,8 килограми, граница што Техеран оттогаш далеку ја надмина.
Американските и европските официјални лица бараат начини да го задржат нуклеарниот притисок на Техеран по пропаѓањето на индиректните американско-ирански разговори, и како што открива Ројтерс, подготвеноста за рестартирање на разговорите покажува зголемено чувство на итност во западните престолнини за иранската програма.
Американската влада ги отфрли наводите дека бара привремен договор, користејќи внимателно изработени деманти кои ја оставаат отворена можноста за помалку формално „разбирање“ што би можело да избегне дебата во Конгресот.
Портпаролот на Стејт департментот Мет Милер негираше дека имало некаков официјален договор со Иран.
Но, тој рече дека Вашингтон сака Техеран да ги деескалира тензиите и да ја заузда својата нуклеарна програма, да престане да ги поддржува регионалните групи кои вршат напади, да ја прекине поддршката за руската војна против Украина и да ги ослободи затворените американски граѓани.
„Продолжуваме да ги користиме дипломатските ангажмани за да ги постигнеме сите овие цели“, додаде тој, без да даде детали.
Ова за Ројтерс го коментираше и неименуван ирански функционер.
„Наречете го како што сакате, без разлика дали е привремена спогодба или меѓусебно разбирање – двете страни сакаат да спречат понатамошна ескалација“, рече тој.
Тој потврди дека тоа треба да „вклучи размена на затвореници и деблокирање на некои од замрзнатите средства на Иран“.
„Би го нарекол разбирање за намалување на тензиите“, рекол западен функционер под услов да остане анонимен, додавајќи дека имало повеќе рунди на индиректни разговори во Оман меѓу претставникот на Советот за национална безбедност Брет Мекгурк и главниот ирански нуклеарен преговарач Али Багери Канија.
Американскиот специјален пратеник за Иран, Роб Мали, исто така се состана со иранскиот амбасадор во ОН по неколку месеци откако Иран одби каков било директен контакт со американски официјални претставници.