Иран тестирал самоубиствен дрон на брод за обука во Заливот, изјави американски претставник во регионот, пренесе Ројтерс.
Американски функционер го опиша овој потег како проба за напад на трговски бродови.
Беспилотното летало било лансирано од иранскиот регион Јаск во средата, 8-9 милји во морето во иранските територијални води, и цел бил ирански шлеп за обука, рече официјалниот претставник, повикувајќи се на разузнавачки информации.
„Најблискиот трговски брод беше оддалечен околу 30 милји од шлепот, но ситуацијата сè уште беше опасна“, рече американскиот претставник.
САД го обвинуваат Иран за напади во 2019 година
Вашингтон го обвини Техеран дека стои зад серијата напади од 2019 година врз трговски бродови во стратешките води на Заливот, кои вклучуваат некои од најважните нафтени и бродски рути во светот.
Иранските власти не можеа да се контактираат за коментар.
Иран повремено тестира експлозивни или самоубиствени дронови и емитува снимки од нивното тестирање.