Куманово со години бара возило за гаснење пожар на висококатници (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Територијалната противпожарна единица Куманово нема возило за гаснење пожар на висококатници.

Loading...

За таква акција е потребно возило со специјална противпожарна скала, нешто што општината со години го бара од државата, но не го добива.

– Иако имаме испратено во неколку наврати и до Дирекцијата за заштита и спасување и до Владата барање дека имаме потреба од обезбедување воизло со специјална скала, ние добивме само еден пик-ап со цистерна и пумпа со висок притисок која не ни е најнеопходна, рече градоначалникот Максим Димитриевски на последниот брифинг со новинарите.

 

 

Како што вели тој, во случај не пожар на висококатница, ќе мора да се чека поддршка од Скопје, оти во државата има само едно такво возило и се наоѓа во тамошната противпожарна служба.

Според Димитриевски, овие делегирани надлежности кои преминале на општините, создаваат проблеми, оти локалните самоуправи мора да обезбедуваат сами пари за нивно одржување.

Loading...

Општина Куманово, вели, беше една од ретките, кој по цели 20 години им набави нови униформи на пожарникарите и едно теренско возило.

Според последните истражувања на Центарот за граѓански комуникации, Куманово има 33 пожарникари помалку од законски пропишаното.

Димитриевски, вели дека тоа е проблем во целата држава, оти има недостаток од средства за плаќање на пожарникарите.

– Иако државата е должна преку Министерството за одбрана да обезбедува фанансиски средства за исплата на плати на вработените во противпожарните единици, тие обезбедуваат само 50% од вкупниот износ, а останатиот износ го обезбедуваат општините од сопствените буџети. Во општина Куманово состојбата е уште полоша. Ние за оваа година имаме некаде на располагање неполни 17 милиони денари за плати кои ни се трансферираат од државен буџет, додека од сопствен буџет имаме обезбедено околу 38 милиони денари за плати, појаснува градоначалникот.

Вели дека наместо за инфраструктура, тие пари се трошат за надлежности кои државата им ги има делегирано на општините.

– ЗЕЛС на своето годишно собрание во главните заклучоци беше да се побара од владата во најкус можен рок да изнајде начин да ги исплати овие средства од државниот буџет кон општините затоа што тоа е нивна законска обврска во делот на покривање на пренесени надлежности. Во спротивно ЗЕЛС ќе испрати апел до сите единици на локални самоуправи да излезат заедно со противпожарните екипи на протест пред влада, вели тој.

Вели дека опременоста на противпожарните единици е исклучително лоша, но во такви услови им честита на пожарникарите кои се справуваат со сите предизвици.

– Состојбата во противпожарните единици е екстремно неблагодарна и гледајќи ја состојбата во државата, како енормно се покачуваат плати, на самите функционери, сметаме како ЗЕЛС дека ќе беше подобро решение ако тие средства беа пренаменети за опремување на противпожарни единици и многу други попотребни работи, рече Димитриевски.

Loading...

Противпожарната единица во Куманово е од регионален каратер и го покрива скоро целиот Североисток. Помага во Старо Нагоричане, каде пожарникарите мака мачат со опрема стара во просек 39 години, но и во Општина Липково каде воопшто нема противпожарна служба.

Никола Ивановски