Општините од Североисточниот плански регион се едногласни во потребата од изградба на заеднички центар за згрижување бездомни кучиња.
Ова го истакна градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски одговарајќи на новинарско прашање на последниот брифинг со медиумите.
Според Димитриевски, таквата идеја е добра, но има многу предизвици.
– Се поставува проблем и откако ќе се изгради тој центар и ќе се пополни капацитетот, како ќе се спречи прогресијата на ширење на кучињата во градот, бидејќи имаме такви случаи во Скопје каде има таков центар. Се направи одреден центар во Струмица и повторно се појавуваат истите проблеми, бидејќи бројката на домашни миленици која се остава без грижа е огромна. Тоа значи дека мора да се работи на совеста на самите граѓани, рече Димитриевски.
Таков потфат, според кумановскиот градоначалник, би бил скапа инвестиција, затоа што во истиот ќе треба континуирано да се инвестира заради негово одржување.
Општина Куманово има избрано фирма која ги заловува, набљудува, чисти од паразити, имунизира и чипира бездомните кучиња во градот.
Проблем е што според законската регулатива, ако истото куче, во периодот на набљудување, не покажува знаци на агресивност, мора да биде пуштено на истата локација од која е заловено.
Капацитетите на карантинот за бездомни кучиња во Куманово, сместен во селото Четирце, а во сопственост на Ветеринарната станица, е со ограничен капацитет, вели Димитриевски.
– Тоа не е капацитет за трајно сместување на кучињата и се поставува прашањето откако ќе ги заловите сите, што со тие домашни миленици, прашува тој.
Инаку, во Општина Куманово се забележува зголемување на бројот на улични кучиња. За тоа говори и фактот што бројот на пријави до полицијата за каснување од куче скитник е во пораст.
Според Секторот за внатрешни работи Куманово, од почетокот на годината досега во градот има 34 пријави од лица каснати од куче скитник. Тоа е скоро тројно повеќе од истиот период лани, кога имало само 13 пријави.
– Вкупно во 2022 година се регистрирани 40 пријави од граѓани кои биле каснати од кучиња скитници. За пријавите се доставени известувања до Општина Куманово,за преземање на понатамошни мерки. Статистиката покажува раст на пријавите за граѓани кои биле каснати од куче скитник, велат од кумановската полиција.
Според кумановскиот градоначалник, постојат сомневања дека кучињата скитници низ Куманово се носат од други градови, но во недостаток на докази на таква теза, тоа остануваат само шпекулации.
Никола Ивановски