Европскиот парламент денеска ќе ја разгледа способноста на Унгарија следната година да претседава со 27-члената Европска унија, имајќи ги предвид проблемите на земјата со владеењето на правото, се наведува во нацрт парламентарната резолуција.
Задачата на државата претседавач со ЕУ е да планира и претседава со состаноци на министрите и подготвителните тела на Унијата, како и да ја претставува ЕУ во односите и врските со другите институции на ЕУ и меѓународните организации.
Претседателството е одговорно за ангажман и работа на законодавството на ЕУ и мора да дејствува како чесен и неутрален посредник, што е услов што Унгарија, поради бројните конфликти со ЕУ, нема да може да го исполни, се вели во предлог парламентарната резолуција.
„Европскиот парламент разгледува како Унгарија може веродостојно да ја исполни оваа задача во 2024 година, со оглед на непочитувањето на правата и вредностите на ЕУ содржани во член 2 од Договорот за ЕУ, и како може да се придржува до принципот на искрена соработка“, се наведува во нацрт-резолуцијата што ќе биде усвоена на 1 јуни, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Замрзнати милијарди евра за Унгарија
Според договорот на сите влади на ЕУ во 2016 година, Унгарија треба да претседава со блокот меѓу јули и декември 2024 година.
Календарот е веќе променет досега, поради пристапувањето на нови земји-членки, но друга промена врз основа на проблемите на земјите-членки со почитувањето на владеењето на правото би била без преседан.
Унгарија долго време е во несогласување со ЕУ за голем број прашања – владеење на правото, корупција на високо ниво, недоволна независност на судството, прекршување на академските слободи и правата на ЛГБТК заедницата.
Затоа Унијата замрзна милијарди евра наменети за Будимпешта.
Унгарската влада со години преговара со ЕУ за овие прашања, но е постигнат мал напредок, пренесува Ал Џезира.