Во престрелка на автопат во северно Мексико, убиени се 10 осомничени членови на криминална група, а четворица полицајци се ранети, соопштија локалните власти.
„Припадниците на полицијата успеаја да елиминираат 10 тешко вооружени осомничени криминалци на автопатот Монтереј-Нуево Ларедо“, се вели во соопштението на мексиканската полиција, пренесува Reuters.
До престрелката дошло кога полицајци биле нападнати на автопатот.
Повредени се четворица полицајци, а нешто подоцна се згрижени во околните здравствени установи и сите се во стабилна состојба, јавува Танјуг.
Надлежните соопштија дека по акцијата се запленети 12 парчиња оружје со голем калибар, гранати, 100 парчиња муниција и три оклопни камиони.
Во вчерашниот напад на членови на друга организирана криминална група во државата Сан Луис Потоси, во централно Мексико, животот го загубија двајца припадници на мексиканските вооружени сили, соопштија властите.
Двете престрелки се случија во екот на борбата на мексиканските власти против насилството на нарко картелите.