Шпанија би можела да ја прекине програмата „златна виза“ која на странците им нуди дозвола за престој во замена за инвестирање во недвижен имот, изјави лидерот на левичарската партија Мас Паис.
Таа партија постигна прелиминарен договор со Министерството за социјални работи за укинување на програмата која на купувачите на недвижности со вредност од најмалку 500.000 евра и на нивните семејства им нуди можност за дозвола за престој на три години, изјави Ињиго Ерехон.
„Шпанското државјанство не е на продажба“, рече Ерехон, додавајќи дека „златните визи“ доведоа до „брутален“ пораст на цените на недвижностите и го раселија локалното население без да стимулираат отворање нови работни места.
Програмата им нуди на милионерите „маскирани привилегии“ и ја претвора Шпанија во „еден вид колонија која често привлекува валкани пари“, предупреди шефот на Мас Паиса.
Шпанија издаде речиси 5.000 дозволи
Министерството не потврди дека планира да ја откаже програмата.
Функционер упатен во преговорите рече дека се уште не е постигнат договор и дека се уште ги проучуваат предлозите на политичките партии.
Весникот Ел Паис објави дека Шпанија размислува за построги услови за добивање „златна виза“.
Европската комисија ги повика земјите од ЕУ да ги укинат програмите кои им овозможуваат на инвеститорите да добијат државјанство и да ги заострат проверките во процесот на издавање дозволи за престој бидејќи, според нив, тие претставуваат безбедносен ризик и ризик од перење пари.
Во март Португалија објави дека ќе стави крај на програмата за „златна виза“.
Откако беше воведен во 2013 година до ноември 2022 година, Шпанија има издадено речиси 5.000 дозволи, а кинеските инвеститори водат на листата, цитира Ројтерс владини податоци.