Во пожар во мал рудник за злато во јужниот дел на Перу загинаа 27 лица, соопштија властите во неделата, додавајќи дека тоа е најсмртоносната рударска несреќа во земјата во повеќе од две децении.
Локалната власт соопшти дека краток спој го предизвикал пожарот што избувна во саботата во раните утрински часови во јужниот регион Арекипа.
На фотографиите што ги објавија локалните медиуми и социјалните мрежи се гледаат огромни темни облаци од чад.
Со рудникот управува помала компанија наречена Јанакихуа, која веднаш не одговорила на барањето на новинарот за коментар за несреќата.
„Полициската станица Јанакихуа потврди дека 27 се мртви“, изјави локалниот обвинител Џовани Матос за локалната телевизија во неделата.
Перу е најголем светски производител на злато и втор по големина производител на бакар, а рударството е клучна индустрија за земјата.
Според податоците на перуанското Министерство за енергетика и рударство, ова е најголема рударска несреќа од 2000 година.
Во саботата околу пладне на местото на настанот пристигнале медицински стручњаци за лекување на повредените, меѓу кои и тројца спасувачи, додаваат од локалната самоуправа.
Секоја година се случуваат десетици фатални несреќи, главно во мали рудници.
Најголем број на жртви во различни рударски несреќи во Перу беше во 2002 година, кога загинаа 73 лица.

