Турските власти уапсија повеќе од 100 лица за наводни врски со тероризам, вклучително и претставници од прокурдската опозициска Демократска партија на народите (ХДП), соопштија во вторникот државната новинска агенција Анадолу и ХДП.
Апсењата доаѓаат помалку од три недели пред Турција да ги одржи клучните претседателски и парламентарни избори.
Неодамнешните анкети покажуваат тесна трка меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и главниот опозициски лидер Кемал Киличдароглу.
Прокурдските гласачи ќе играат клучна улога во гласањето, предвидуваат анкетите.
Вкупно 110 лица беа уапсени во полициски рации во 21 град и провинција поради наводни врски со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), јави Анадолија.
Обвинителите во југоисточниот град Дијарбакир ги обвинуваат осомничените за финансиска помош на ПКК и за создавање терористичка пропаганда, меѓу другото.
Заменик-претседателот на ХДП Озлем Гундуз и други членови на партијата се меѓу приведените, изјави портпаролот на ХДП за ДПА.
Мета се и адвокатите, застапниците на правата и новинарите, објави Адвокатската комора на Дијарбакир во соопштение на Твитер.
Комората бара нивно ослободување, нарекувајќи ги рациите незаконски.
ХДП е втората по големина опозициска партија во парламентот и се брани во судски спор со кој се бара нејзино затворање.
Ердоган ја обвинува ХДП дека е продолжение на ПКК, која е забранета во Турција, ЕУ и САД.
ХДП ги отфрла сите обвинувања.