Министерството за надворешни работи на Русија денеска ги покани на средба амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Канада поради, како што се наведува, активности кои не одговараат на дипломатскиот статус.
„Поради грубо мешање во внатрешните работи на Русија и активности кои не одговараат на дипломатскиот статус, во Министерството за надворешни работи се поканети амбасадорите на САД, Велика Британија и Канада“, се вели во соопштението на руското Министерство. , пренесува ТАСС.
Претходно, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги осуди изјавите на овие амбасадори по објавувањето на пресудата против публицистот Владимир Кара-Мурза, обвинувајќи ги за директно мешање во внатрешните работи на Русија.
Барањата на амбасадорите на САД и Канада за ослободување на Кара-Мурза таа ги нарече „врв на цинизмот“, велејќи дека во нивните земји бесрамно се кршат човековите права, а неистомислениците се прогонуваат.
Московскиот градски суд вчера го осуди опозицискиот политичар Владимир Кара-Мурза на 25 години затвор за предавство и ширење лажни вести за руската армија.
Покрај тоа, тој е казнет со 400.000 рубли и забрана за новинарство во траење од седум години, пренесе РИА Новости.