Вкупниот увоз и извоз на стоки во Кина во првиот квартал од 2023 година се зголеми за 4,8 отсто во однос на минатата година, поништувајќи го падот од 0,8 отсто во првите два месеци од оваа година, покажаа денеска официјалните податоци.
По седум отсто пад во јануари во споредба со претходната година, надворешнотрговската размена на Кина се зголеми за осум отсто во февруари и 15,5 отсто во март, јавува Кинеското меѓународно радио.
Стапката на раст во првиот квартал е забрзана за 2,6 отсто во однос на темпото забележано во четвртиот квартал од минатата година, покажуваат податоците на Генералната управа на царината (ГАЦ).
„Кинеската надворешна трговија покажа отпорност во првиот квартал. Стабилниот раст ги постави темелите за подобрување на стабилноста и подобрување на квалитетот на надворешната трговија во текот на целата година“, рече Лиу Далианг, претставник на ГАЦ.
Во првите три месеци извозот е зголемен за 8,4 отсто на годишно ниво – на 5,65 билиони јуани (околу 823 милијарди американски долари), додека увозот е зголемен за 0,2 отсто, пренесува Танјуг.
Во овој период, Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) остана најголемиот трговски партнер на Кина.
Трговијата на Кина со земјите од АСЕАН порасна за 16,1 отсто на годишно ниво.
Трговската размена со земјите долж „Појас и пат“ скокна за 16,8 отсто на годишно ниво, додека трговската размена со другите членки на Регионалното сеопфатно економско партнерство се зголеми за 7,3 отсто во тој период.