Електричен велосипед напојуван од литиум-јонска батерија е обвинет за смртоносниот пожар во Њујорк во кој загинаа две деца, а четири члена од исто семејство се спасени со скок од прозорец на првиот кат.
Тоа е последниот во низата пожари поврзани со е-велосипед во градот.
Иако пожарникарите стигнале до домот за само три минути, велат дека поради вообичаеното брзо ширење на пожарите на електронските велосипеди и поради тоа што тој што се запалил бил приклучен на полнач на влезот во мала зграда со неколку станови, жртвите „немале можност да излезат од зградата“ со оглед на тоа што силниот пожар брзо се искачил до станот на првиот кат.
„Начинот на кој горат овие пожари на електронски велосипеди, тоа е како огнена експлозија“, им рекол пожарникар на новинарите пред изгорената куќа.
„Тоа е постојан проблем. Ги повикуваме сите да бидат многу внимателни и свесни за опасностите од овие уреди“.
Вклучувајќи го и пожарот од понеделникот, веќе има пет смртни случаи во Њујорк оваа година во пожари за кои официјални лица изјавија дека биле предизвикани од е-велосипеди.
Досега годинава имало 59 пожари поврзани со електронски велосипеди. Минатата година имаше шест загинати во вакви пожари.
Електричните велосипеди станаа популарни за испорака и патување со општата промоција на користењето велосипед во последните децении.
Комесарот за пожари во Њујорк, Лаура Кавана, ги повика жителите да ги следат сите безбедносни упатства и препораките на производителите за е-велосипеди.
„Исто така, ги повикуваме нашите федерални, државни и локални партнери да се придвижат брзо со прописи што ќе помогнат да се спречи трагедија како последниот пожар“, рече таа во изјавата.