Температурата на океаните на почетокот на април највисока во историјата

Сподели со своите пријатели

Просечната температура на површината на светските океани на почетокот на април достигна 21,1 степен, што е највисока во историјата од почетокот на сателитското снимање.

Loading...

Американската Национална агенција за океани и атмосфера (НОАА) објави податоци од кои произлегува дека бил соборен претходниот рекорд од 2016 година, кога во овој период од годината температурата на океаните била 21 степен, пренесува Гардијан, пренесува Танјуг.

„Сегашната траекторија на пораст на температурата на океаните ги урива сите претходни рекорди, а бројките се чини дека ќе станат уште повисоки“, рече климатологот од Универзитетот во Нов Јужен Велс, професор Метју Ингланд.

„Тригодишниот климатски феномен „Ла Ниња“ се ближи кон својот крај“, рече постариот истражувач на NOAA, д-р Мајк Мекфаден.

Според него, феноменот „Ла Ниња“ помогнал да се одржи поладна температура на океанот и покрај зголемувањето на концентрацијата на гасови во атмосферата кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.

– Овој период заврши и сега ќе ги видиме сигналите за климатските промени „гласно и јасно“, нагласи Мекфаден.

Научниците велат дека во текот на оваа година е можно да се очекува климатскиот феномен „Ел Нињо“ во тропскиот дел на Пацификот, а тоа би го зголемило ризикот од екстремни временски услови и нови рекордни температури на океаните.

„Многу од нашите прогнози покажуваат дека доаѓа Ел Нињо“, рече климатологот од Универзитетот Монаш, професор Дитмар Доменгет. Ако тоа се случи, оваа година ќе бидат срушени нови рекорди за топлина и во океаните и на копното, заклучи Доменге.

Loading...