Палестинските милитанти денеска истрелаа ракети кон јужен Израел, соопшти израелската армија, откако полициската рација во џамијата Ал Акса во Ерусалим предизвика прекугранична размена на оган и ги подгреа стравувањата од натамошна ескалација, пренесува Ројтерс.
Нема информации за жртви во ракетниот напад во раните утрински часови од Појасот Газа, кој е под контрола на исламистичката милитантна група Хамас.
Насилството продолжи во Ерусалим во текот на ноќта, втора ноќ по ред кога палестинските верници се забарикадираа во џамијата Ал Акса, во комплексот Стар град, а израелската полиција употреби сила за да ги растера.
Немирите биле помалку интензивни од претходната ноќ, пренесе АП.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека најмалку шест лица се повредени во последното насилство.
Властите на исламскиот вакуф, кои управуваат со комплексот, рекоа дека полицијата испукала шок-бомби и гумени куршуми за да ги растера верниците.
Израелската полиција соопшти дека десетици малолетници предизвикале хаос, фрлајќи камења и други предмети врз полицајците и принудувајќи ја полицијата да интервенира за да го врати, како што велат, редот и законот.
Повеќе Палестинци се собраа во џамијата, одговарајќи на повиците на вакафот да се молат во текот на ноќта.
АП потсетува дека израелската полиција упаднала во џамијата Ал Акса во средата рано наутро, пукајќи со шок бомби кон Палестинците кои фрлале камења кон полицијата.
Како што е соопштено, уапсени се 350 Палестинци, а еден полицаец е повреден.
Лекарите на палестинската Црвена полумесечина соопштија дека најмалку 50 лица се повредени.
Набргу потоа милитантите во Газа истрелаа ракети кон Израел, а израелските сили веднаш потоа следеа со воздушни напади врз цели на Хамас.
Инцидентот, за време на светиот муслимански месец Рамазан и пред еврејската Пасха, наиде на широка осуда во арапскиот свет и загриженост од Белата куќа.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека Советот за безбедност на ОН денеска зад затворени врати ќе одржи седница на која ќе се расправа за акцијата на израелската полиција, пренесува Танјуг.