Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг предупреди дека ќе има „конфликт и конфронтација“ доколку Вашингтон не успее да го промени курсот во односите со Пекинг.
Изјавата доаѓа во време на зголемени тензии околу конфликтот околу Тајван, руската инвазија на Украина и дебатата за потеклото на коронавирусот, пренесува Асошиетед прес.
Говорот на шефот на кинеската дипломатија сугерира дека Кина не е подготвена да се откаже од својата конфронтирачка реторика.
Чин на вчерашната прес-конференција рече дека политиката на Вашингтон кон Кина „целосно отстапила од рационалниот и здрав колосек“.
„Таква конкуренција е непромислено коцкање“
„Ако Соединетите Американски Држави не притиснат на сопирачките, туку продолжат да забрзуваат по погрешниот пат, ниту една заштитна ограда не може да спречи излетување од шините, а конфликтот и конфронтацијата сигурно ќе се појават. Таквата конкуренција е непромислена коцка, каде што влогот се фундаменталните интереси на двете нации, па дури и иднината на човештвото“, додаде Чин на својата прва прес-конференција по преземањето на функцијата минатата година.
Во меѓувреме, кинескиот претседател Си Џинпинг ги обвини западните влади предводени од САД дека се обидуваат да ја опколат и потиснат Кина.
„Западните земји предводени од САД извршија сеопфатно задржување, опкружување и потиснување на Кина, што донесе невидени и сериозни предизвици за развојот на нашата нација“, рече Си, цитиран од официјалната новинска агенција Ксинхуа.
Кинескиот лидер нагласи дека поради тоа Кина мора „да остане смирена, да ја задржи концентрацијата, да се стреми кон напредок додека ја одржува стабилноста, да преземе активни активности, да се обедини и да биде подготвена за борба“.
Западните аналитичари тврдат дека односите на Кина со Вашингтон, Јапонија, Индија и другите азиски соседи се влошени бидејќи владата на Си води агресивна надворешна политика.