Четири жртви и 49 исчезнати во уривањето рудник во Кина

Сподели со своите пријатели

Бројот на загинати во уривањето на рудник за јаглен во северна Кина се искачи на четири, а 49 сѐ уште се водат како исчезнати, јави денеска кинеската државна телевизија CCTV.

Спасувачката операција, која вчера беше прекината на неколку часа кога се случи нов одрон во огромен рудник по колапс во регионот на Внатрешна Монголија, продолжи рано утринава.

Државната новинска агенција Ксинхуа објави дека околу 900 добро опремени спасувачи продолжиле да трагаат по исчезнатите.

Државните медиуми објавија дека свлечиштето се случило во средата во 18 часот по локално време, околу пет часа по првичното уривање на еден од ѕидовите на рудникот, кога биле затрупани луѓе и рударски машини.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Водач на банда во Ел Салвадор осуден на 1.335 години затвор

Кинескиот претседател Си Џинпинг побара да се направат сите можни напори за потрага и спасување и „обезбедување на безбедноста на животите и имотот на луѓето и одржување на општата социјална стабилност“.

Компанијата што управува со рудникот за јаглен во Ксинџијанг во Внатрешна Монголија беше казнета минатата година за повеќекратни безбедносни прекршувања, од небезбедни пристапни патишта до рудникот до небезбедно складирање на опасни материјали и недоволно обучен надзорен персонал, според „Пејпер“.

Внатрешна Монголија е клучна област за ископ на јаглен, минерали и ретки метали кои, според критичарите, го уништиле пејзажот на планините, тревните степи и пустини.