Државната Дума едногласно го усвои предлогот на Путин за суспендирање на СТАРТ

Сподели со своите пријатели

Долниот дом на рускиот парламент (Државна Дума) денеска едногласно го усвои предлог-законот на претседателот Владимир Путин за суспендирање на учеството на Русија во Договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје (СТАРТ).

Според документот што Путин го достави до Државната Дума, Русија го суспендира своето учество во договорот и претседателот ќе донесе одлука за негово обновување, а законот ќе стапи на сила на денот на неговото официјално објавување, пренесува Тасс.

„Нацрт федералниот закон предвидува Русија да го суспендира Договорот меѓу Русија и САД за мерки за натамошно намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје, што беше потпишан во Прага на 8 април 2010 година“, се наведува во текстот на образложението на законот.

Во вторникот во своето обраќање пред Сојузното собрание, Путин објави дека Русија го суспендира своето учество во Новиот договор СТАРТ, но не се повлекува од него.