Во соопштението објавено на веб-страницата на Стејт департментот, тој истакна дека САД го ценат стратешкото партнерство со Србија, чија цел е постабилна, посигурна и напредна иднина за сите луѓе во Западен Балкан.
– Во име на САД сакам да им честитам на народот на Србија за нивниот национален ден – рече Блинкен.
Блинкен истакна дека САД силно ги поддржуваат европските амбиции на Србија и се посветени на соработка со Белград и партнерите од ЕУ за да се исполни таа важна цел.
– Го поздравувам конструктивниот ангажман на Србија со американските, европските, француските, германските и италијанските претставници при неодамнешната посета на Белград – се наведува во соопштението.
Блинкен изрази уверување дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина ќе донесе безбедност и напредок на Србија и на сите граѓани на Западен Балкан.
Според него, „Белград и Приштина сигурно ќе направат тешки компромиси за да ја постигнат таа цел, но наградите за српскиот народ и за целиот регион ќе бидат огромни“.
Блинкен ја повика Србија да ја поддржи Украина во конфликтот против Русија.
Блинкен изрази задоволство поради фактот што Србија и САД неодамна потпишаа Меморандум за разбирање за воспоставување позиција за врска со српските дипломати во Стејт департментот.
Американскиот државен секретар истакна дека оваа единствена програма меѓу Србија и САД ќе овозможи подобро разбирање на надворешнополитичките цели на двете страни и дека ќе ги зајакне каналите за комуникација и ќе изгради трајно партнерство.
– На целиот народ на Србија му посакувам мир, напредок и среќа на вашиот национален празник – додаде Блинкен.