Израелската војска соопшти дека извршила напад врз Појасот Газа во текот на ноќта, неколку часа откако пресретнала ракета истрелана од областа.
Во соопштението се вели дека воздушните напади биле насочени кон локациите за производство на ракети и оружје што ги користи Хамас како одговор на нападот извршен од милитантната група во средата.
Во моментов нема извештаи за евентуални жртви.
Ниту една од палестинските фракции не ја презеде одговорноста за ракетниот напад врз Израел во средата.
Вооруженото крило на левичарскиот Демократски фронт за ослободување на Палестина соопшти дека истрела неколку ракети рано утринава како одмазда за воздушните напади и „систематската агресија“ што ја претрпеле палестинските затвореници во израелските затвори.
Најновото зголемување на тензиите меѓу Израел и Палестинците започна по акцијата на израелската армија во бегалскиот камп на Западниот Брег каде беа убиени девет Палестинци, а потоа палестински напаѓач уби седум лица во близина на синагога во источен Ерусалим.
Следуваше нов напад кога Палестинец застрела и рани двајца мажи пред старите градски ѕидини во Ерусалим.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика на смиреност по завршувањето на посетата на регионот во вторникот, во која тој ја потврди поддршката на Вашингтон за решение на повеќедеценискиот конфликт меѓу двете страни.
Израел спроведува речиси секојдневни рации на Западниот Брег по серијата смртоносни палестински напади врз Израел минатата година, кои доведоа до акции во кои загинаа 35 Палестинци, милитанти и цивили.